Кортикотомија – постапка на хируршко отстранување на коскениот покрив на импактиран заб со цел, негово побрзо и полесно еруптирање и сместување во забниот низ.
Импакција – постапка на хируршка екстракција (вадење) на заб кој е вклештен во внатрешноста на вилицата, а чија позиција укажува дека не постои можност да се смести во забниот низ или пак, во забниот низ нема простор за сместување на дадениот заб (најчесто третите молари).
Апикотомија – хируршка ресекција на коренот на забот со цел, отстранување на хроничен процес кој не покажува знаци за повлекување по соодветно изведен конзервативен третман.
Цистектомија – отстранување на цистични мекоткивни формации во усната празнина
Френулектомија – хируршка корекција на припојот на френулумот на горна и долна усна кај деца од ортодонтски причини или кај возрасни лица од протетски причини. Исто така, можна е корекција и на високо припоен френулум на јазик со што се отежнати нормалните функции (говор, исхрана..).
Гингивектомија / Гингивопластика – хируршка корекција на формата на гингивата. Се употребува за отстранување на вишокот гингива кај силно и долготрајно воспаление на гингивата (дополна на конзервативниот третман) или за корекција на контурите на ткивото околу забите и зголемување на должината на коронките (пр. корекција на gummy smile).
Отстранување на папиломи и фиброми – ексцизија на мекоткивни израстоци во и околу усната празнина брзо и безболно (RF термокаутер).
Нивелација – израмнување на коскени егзостози на алвеоларниот гребен кои настануваат после екстракција на забите во различни периоди како резултат на процесите на ресорпција и апозиција на коска.
Коскена аугментација – апликација на вештачка коска кај лица кај кои има голема загуба на коскено ткиво после загуба на забите, а пред изработка на протетски надоместоци или поставување на импланти.
Синус лифт – подигање на подот на синусот со цел добивање на простор за поставување на импланти.